Знамето на Република Северна Македонија е создадено во 1995 година, како резултат на спогодбата потпишана со Република Грција, според која Република Северна Македонија се обврзува да не го користи симболот на шеснаесеткрако сонце („Sвездата од Кутлеш“) кој се наоѓал на дотогашното знаме.

Автор

Професорот Костадин Танчев – Динка во својата монографија издадена 2019 година пренесува дека на предлог на кабинетот на претседателот (под координација на Стојан Андов, Зоран Крстевски и Стево Црвенковски) изработува идејно-графичко решение за ново државно знаме кое го доставува до собранието и кое е идентично со изгласаното знаме.

Проф. д-р Мирослав Грчев во „Македонски хералд“ во 2013 година пренесува дека бил ангажиран од владата (под координација на Љубомир Фрчкоски) да изработи идејно-графичко решение за ново државно знаме. Од 12-те доставени предлози, избран е еден, но изгласана е верзија која отстапува од неговиот предлог.

Заклучокот кој се наметнува од приложеното е дека автор на знамето всушност е Костадин Танчев – Динка, а не Мирослав Грчев како што се сметаше сиве овие години.

1992-1995

Првото знаме на Република Македонија е црвено со златно-жолто шеснаесеткрако сонце („Ѕвездата од Кутлеш“).

Знамето е утврдено со Законот за знамето на Република Македонија, на 11 август 1992 година („Службен весник на Република Македонија“ број 50/92).

Предлогот за знамето е поднесен до Собранието на Република Македонија од пратеникот Тодор Петров.

Денес, ова знаме се смета за македонско национално знаме и го користат речиси сите македонски заедници и здруженија во дијаспората, како и неколку домашни организации.

1947-1992

Знамето на Народна Република Македонија и Социјалистичка Република Македонија (од 1974 година) е црвено со петокрака ѕвезда во горниот лев дел. Sвездата е црвена, со златен (жолт) раб и има правилен петокрак облик.

Знамето е утврдено со Уставот на Народна Република Македонија, на 31 декември 1946 година („Службен весник на Република Македонија“ број 1/47).

1944-1946

Знамето на Народна Република Македонија е црвено со петокрака ѕвезда на средината. Sвездата е црвена, со златен (жолт) раб. Најчесто, краците на ѕвездата се заоблени.

Тоа е базирано на знамето кое во народно-ослободителната борба го употребувал македонскиот батаљон „Гоце Делчев“.