Протокол

Знамето на Република Македонија се подига и спушта, истакнува и симнува, односно пренесува, со вообичаени почести (станување, поздравување и друго).

При истакнувањето, знамето не смее да допира до ништо што се наоѓа до или под него.

Кога знамето е спуштено, ниеден негов дел не смее да го допира подот или било кој друг предмет.

Кога знамето се вади од јарболот и се става на чување, треба да се свитка уредно и на церемонијален начин.

Знамето не смее да се употребува:
• како драперија, завеса или прекривка;
• свиткано во форма на венец или набрано;
• како украс на перници, марамчиња, салвети, кутии од хартија, долна облека или предмети кои веднаш по употребата се фрлаат.

Истакнување на знамето

Знамето на Република Македонија постојано е истакнато:
• на резиденцијата на претседателот на Република Македонија, на објектот во кој се наоѓа Собранието на Република Македонија, на објектот на Владата на Република Македонија и на објектите во кои се сместени функционерите кои раководат со министерствата во Владата на Република Македонија;
• на определени објекти на границата на Република Македонија и на други објекти во Република Македонија во близина на границата, според посебни прописи;
• во други случаи, под услови и на начин утврдени со овој закон или друг пропис.

Знамето на Република Македонија се употребува како ознака на воздухоплов, брод или друго пловило, како и на други јавни превозни средства, заради означување на нивната припадност на Република Македонија, под услови и на начин утврдени со соодветни прописи.

Знамето на Република Македонија се истакнува:
• во денови на празниците на Република Македонија утврдени со закон – на објектите во кои се сместени органите на државната власт, единиците на локалната самоуправа, јавните служби, јавните установи и јавните претпријатија, односно единицата на локалната самоуправа;
• при испраќањето на претседателот од Република Македонија и пречекот на претседателот при враќањето од странство;
• при официјално доаѓање во Република Македонија, односно при испраќање од Република Македонија на претседател на држава, суверен или овластен претставник на меѓународна организација;
• на превозните средства кои ги користи претседателот на Република Македонија;
• во деновите на жалост што ги определува Владата, на половина копје;
• во други случаи под услови и на начин утврден со закон.

Знамето на Република Македонија може да се истакне:
• на објектот во кој е сместено дипломатското или конзуларното претставништво на Република Македонија во странство; на резиденцијата на шефот на претставништвото и на превозните средства што тој лично ги користи во вршењето на службените должности, во согласност со соодветните меѓународни договори, прописите и обичаите во земјата во која се наоѓа претставништвото, односно правилата и практиката на меѓународната организација при која што се наоѓа претставништвото;
• во просториите во кои се гласа, училници, обредни сали, простории за состаноци и слично;
• при меѓународни средби, натпревари и други собири (политички, научни, културно-уметнички, спортски и други) на кои Република Македонија учествува или е презентирана, во согласност со правилата и практиката на одржувањето на тие собири;
• при прослави, свечености и други политички, културни, спортски и слични манифестации кои се од значење за Република Македонија;
• при празнување во приватниот живот на граѓаните;
• во други случаи, ако неговата употреба не е во спротивност со одредбите на законот.

Подигање на јарбол

Кога знамето на Република Македонија се истакнува на јарбол се истакнува меѓу изгрејсонце и зајдисонце, а може да биде изложено и дваесет и четири часа дневно под услов знамето соодветно да биде осветлено за време на часовите кога е темно.

Знамето треба да се подига динамично, а спушта бавно и церемонијално.

При подигање и спуштање на знамето сите присутни се во став мирно, со лицето свртени кон знамето, сѐ додека знамето не биде одврзано од јарболот, односно ако се свири химната, сѐ додека не биде отсвирен последниот тон на музиката. Машките лица кои носат и каков и да е вид шапка, истата треба да ја симнат. Лицата во воени униформи поздравуваат војнички.

Со други знамиња

Ако знамето на Република Македонија се истакнува во Република Македонија заедно со едно или повеќе знамиња на други држави, или меѓународни организации, знамето на Република Македонија се наоѓа во зависност од начинот на поставувањето на тие знамиња:
• во средината на кругот така што јасно да се гледа – ако другите знамиња се наредени во круг;
• во средината на полукругот – ако другите знамиња се наредени во полукруг;

   

• на чело на колоната – ако другите знамиња се наредени во колона;
• на прво место во редот, односно од левата страна гледано однапред – ако другите знамиња се наредени во ред;
• на чело на групата ако другите знамиња се распоредени во групи.

   

Ако знамето на Република Македонија се истакнува заедно со други знамиња со вкрстени копја, копјето на знамето на Република Македонија мора да биде поставено пред копјата на тие знамиња, гледано однапред.

Ако знамето на Република Македонија се истакнува заедно со две други знамиња, знамето на Република Македонија се наоѓа во средина.

   

Ако знамето на Република Македонија се истакнува покрај друго знаме, тоа секогаш се наоѓа на левата страна, гледано однапред. По исклучок, тоа се наоѓа на десната страна, гледано однапред, од знамето на странската држава или меѓународната организација, ако тоа знаме се истакнува во Република Македонија при официјални посети на овластен претставник на соодветната држава или организација.

   

Ако знамето на Република Македонија се истакнува заедно со повеќе знамиња на други држави, знамињата на другите држави ќе бидат истакнати по абецеден ред. Димензиите на сите знамиња треба да се еднакви, а доколку димензиите се различни ниедно друго знаме не смее да биде поголемо од знамето на Република Македонија, ниту пак било кое друго знаме, може да биде поставено повисоко од знамето на Република Македонија.

   

Ако знамето на Република Македонија се истакнува со знамето на единиците на локалната самоуправа и други знамиња, знамето на Република Македонија се истакнува на прво место од левата страна оддалечено два метри, а повисоко за еден метар и со поголема димензија од знамето на единицата на локалната самоуправа и од другите знамиња.

Во затворени простории

При истакнување на знамето на Република Македонија во затворени простории, тоа секогаш се става од десната страна гледано од страна на говорникот, а доколку истовремено се истакнуваат знамето на единицата на локалната самоуправа и други знамиња тие треба да стојат од левата страна оддалечени два метри, едно метро пониско и со помали димензии од знамето на Република Македонија.

   

На автомобил

Кога знамето се истакнува на автомобил, тоа треба да биде цврсто прицврстено на шасијата, на предниот дел, од десната страна гледано од страна на возачот.

На половина копје

Истакнувањето на половина копје на знамето што се истакнува на јарбол се врши така што знамето за момент се подига до крај, а потоа се спушта на позиција што се наоѓа на половина пат од врвот до долниот крај на јарболот. Пред да сe спушти сосема, знамето уште еднаш се подига до врвот.

На сандак

Знамето може да се користи за покривање на мртовечки сандак, но не смее да се спушти во гробот.

 

Употребата на знамето на Република Македонија е утврдено со Законот за употребата на грбот, знамето и химната на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 32/97 и 110/08) и Правилникот за начинот на истакнување и веење на знаме („Службен весник на Република Македонија“ број 156/07).