Знамето на Република Македонија е создадено во 1995 година, како резултат на спогодбата потпишана со Република Грција, според која Република Македонија се обврзува да не го користи симболот на шеснаесеткрако сонце („Sвездата од Кутлеш“) кој се наоѓал на дотогашното знаме.

За автор на знамето се смета проф. д-р Мирослав Грчев, кој бил задолжен од Владата на Република Македонија да изработи студија за идејно графичко решение за ново државно знаме. Од 12-те доставени предлози, избран е еден, но изгласана е верзија која отстапува од неговиот предлог. Повеќе детали за отстапките, како и за целиот процес на создавањето на државното знаме можете да прочитате во „Македонски хералд“ број 5.

1992-1995

Првото знаме на Република Македонија е црвено со златно-жолто шеснаесеткрако сонце („Ѕвездата од Кутлеш“).

Знамето е утврдено со Законот за знамето на Република Македонија, на 11 август 1992 година („Службен весник на Република Македонија“ број 50/92).

Предлогот за знамето е поднесен до Собранието на Република Македонија од пратеникот Тодор Петров.

Денес, ова знаме се смета за македонско национално знаме и го користат речиси сите македонските заедници и здруженија во дијаспората, како и неколку организации во Македонија.

1947-1992

Знамето на Народна Република Македонија и Социјалистичка Република Македонија (од 1974 година) е црвено со петокрака ѕвезда во горниот лев дел. Sвездата е црвена, со златен (жолт) раб и има правилен петокрак облик.

Знамето е утврдено со Уставот на Народна Република Македонија, на 31 декември 1946 година („Службен весник на Република Македонија“ број 1/47).

1944-1946

Знамето на Народна Република Македонија е црвено со петокрака ѕвезда на средината. Sвездата е црвена, со златен (жолт) раб. Најчесто, краците на ѕвездата се заоблени.

Тоа е базирано на знамето кое во народно-ослободителната борба го употребувал македонскиот батаљон „Гоце Делчев“.