Од 15 мај 2010 година Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата на Република Македонија започнаа проект на церемонијална промена на знамињата пред институциите на нашата држава. Припадниците на батаљонот за почести ги менуваат знамињата, свечен чин кој е проследен со изведување на манифестациска содржина, како и од воениот оркестар на Армијата на Република Македонија.

Целта на овој проект е подигнување на свеста на граѓаните, особено на младата популација, за значењето на знамето и негување на љубов и почит кон него, како едно од основните обележја на секоја држава.

Во периодот од мај до октомври во годината, предвидено е за време на церемонијата припадниците на батаљонот за почести да ја изведуваат и точката со оружје „Егзирцир“, а на платото пред Владата на Република Македонија да присуствуваат и дел од вработените, естрадни ѕвезди и ученици од различни возрасти и училишта.

Манифестацијата на церемонијална промена на знамињата се одржува:
• резиденција на Претседателот на Република Македонија – секој втор петок во месецот, во 13.00 часот;
• Влада на Република Македонија – секој втор петок во месецот, во 12.00 часот;
• Собрание на Република Македонија – секој последен петок во месецот, во 12.00 часот.